Медиум


НЕТПРЕС



Биографија


Непознатa



Забелешка


Академскиот сликар, 37 годишниот Коста Крпач се води како директор на компанијата „Финзи ДООЕЛ“ која сега е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“. Не е познато кога сопственикот на Нетпрес Дејан Николовски го продал порталот бидејќи тој одби да одговори на прашањата на тимот на „Медиа Педиа“. Се обидовме да стапиме во контакт со Крпач, на чија домашна адреса е регистрирана фирмата „Финзи“. Кога го прашавме кога и за која цена неговата фирма го купила порталот, тој ни спушти слушалка.

Aко се погледне историјатот на фирмата „Финзи ДООЕЛ“, се гледа дека прв управител на фирмата во 2009 година бил Владислав Стајковиќ (погледнете ги документите подолу на страната), инаку директор на „Мобико ДООЕЛ“, фирма која е овластен сервисер за мобилни телефони на „Т-мобиле Македонија“ (тековната состојба на Мобико ДООЕЛ можете да ја погледнете подолу на страницата). 

Сопственик на фирмата „Мобико ДООЕЛ“, пак, е Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-мобиле Македонија и близок пријател на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Владислав Стајковиќ е основач и на НВСП, фирма за која неделникот Фокус во 2012 година пишуваше дека е сопственик на Секјурити Груп Сервисис (СГС), фирма за обезбедување која се поврзува со директорот на УБК Сашо Мијаков. Како сопственик на СГС пак, сега се води 27-годишниот Дејан Ќировски, полјоделски работник со недовршено средно образование (тековната состојба на СГС можете да ја погледнете подолу на страната). 

Стајковиќ од февруари 2011 година веќе не е управител на фирмата ФИНЗИ ДООЕЛ, а како управител сега е запишан само академскиот сликар Крпач. Не се знае со што се занимава оваа компанија, бидејќи до веб страницата www.finzi-mk.com пристап има само сопственикот.

Тимот на Медиа Педиа се обиде да го лоцира сопственикот на оваа македонска фирма која што е сопственик на порталот Нетпрес.

Станува збор за компанијата ФИНЗИ ЛЛЦ од Соединетите Американски Држави која се води на адреса 41 State Street, Suite 106, Albany NY 12207. Но, ако се обидете да ја најдете оваа адреса, произлегува дека станува збор за седиште на адвокатска канцеларија (погледнете во документот презентиран подолу на страната), нешто што го потврдува и клип закачен на Youtube кој покажува дека и други биле заинтересирани за она што се случува на оваа адреса.



Сите документи од американската компанија, сопственик на македонската ФИНЗИ пак, водат кон Кипар. Имено, како директори на Finzy LLC фигурираат Ени Јеп (Annie Yeap) и Шејн Чараламбос (Shane Charalambous) . Ени Јеп, според податоците од Интернет е основач на Еквејшн Корпорејт Сервисис ЛТД (Equation Corporate Services LTD), компанија која нуди услуги на меѓународни инвеститори, адвокати, даночни советници или други професионални кои трагаат по партнери за основање кипарски компании.

Со кипарски печат, Ени Јеп и Шејн Чараламбос му даваат целосни овластувања на Владислав Стајковиќ во 2009 година поврзани со американската компанија (документите се презентирани подолу на страната).

Со оглед на тоа што Кипар е пример за држава со ниска даночна стапка на профит, има многу стимулативен даночен систем за отворање на оф шор компании. Во оваа држава се плаќа данок на добивка во износ од 4,25 отсто, не постои девизна контрола, како ни дупло оданочување (дивидендите не се предмет на оданочување).

При проверките на кипарските оф шор компании, најтешко е да се стигне до нивното сопствеништвото, па оттаму неизвесно е со што се занимава оваа компанија во САД, а и нејзините бизниси во Македонија, освен сопствеништвото на порталот Нетпрес.



Документи


Мобико - тековна состојба страна 1 Мобико - тековна состојба страна 2 СГС - тековна состојба страна 1 СГС - тековна состојба страна 2 СГС - тековна состојба страна 3 Finzy LLC Адреса адвокатска канцеларија Историјат на ФИНЗИ ДООЕЛ